Бизнис
28. February 2020 - 11:27

„Алкалоид“ забележал позитивни финансиски резултати минатата година

„Алкалоид“ забележал раст на консолидираните продажби за 13 проценти и раст на консолидираната нето добивка од 18 проценти минатата година. Инвестициите биле во износ од нас една милијарда денари и отворени биле нови 218 работни места.

Според податоците што ги објави „Алкалоид“ вкупните консолидирани продажби во периодот од јануари-декември биле 11.102.808.123 денари.

Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за осум проценти, а вкупниот консолидиран извоз е зголемен за 17 проценти. Од вкупните консолидирани продажби, 35 проценти се остварени на домашен пазар, а 65 проценти на странските пазари. Во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 проценти, во земјите од Западна Европа 20 проценти, во Русија и другите земји од Заедницата на независни држави се остварени девет проценти и на останатите пазари се остварени три проценти.

Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 268.202.851 денари што е два пати повеќе од лани, додека во Русија продажбата била 742.189.553 денари што претставува раст од 91 проценти.

Најмногу се продавале фармацевските производи, по што следуваат козметичките, хемиските и билните производи.

Минатата година компанијата вложила 1.091.631.671 денари главно за проширување на производните капацитети. Новите производствени одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 м² и со нив се очекува да се зголемат капацитетите за производство за најмалку 50 проценти. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра, а  комплетирањето на оваа инвестиција е планирано за првата половина од годинава. Со инвестицијата ќе се создаде услови за отворање на околу 200 нови вработувања во фармацевскиот дел. Годинава се очекува да заврши и проектот за гасификација на локалитетот Алкалоид – Ѓорче Петров, вреден над еден милион евра.

Од компанијата информираат дека минатата година е зголемен и бројот на вработени и оти е одобрена исплата на регрес за годишен одмор во висина од 24.938 денари. Во август лани донесена е и одлука за зголемување на платите со што просечната исплатена нето плата за декември достигнала 46.686,00 денари.

Акциите на компанијата важат за едни од најтргуваните и нивната цена лани се движела од 8.200,00 денари до 11.901,00 денари. Пазарната капитализација на компанијата надминала 17 милијарди денари.

Остварените продажби и остварениот профит, како што посочуваат од „Алкалоид“ го надминале бизнис планот за 2019 година, додека бизнис планот за годинава предвидува инвестирање на околу 14 проценти од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства, раст од најмалку 7 проценти на консолидираните продажби и раст од најмалку 7 проценти на консолидираниот профит пред оданочување во однос на проекциите за 2019 година.