Македонија
16. April 2018 - 13:01

Аљими препозна двајца напаѓачи, тврди дека му помагал на Села

Сведокот Абдулфетах Аљими на денешното рочиште препозна двајца од обвинетите за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието на Македонија на 27 април минатата година. 

Аљими кој беше донесен во судница од притвор како сведок на обвинителството, ги идентификува Александар Јаневски - Тошта и Кире Георгиевски. 

Аљими кој бил дел од обезбедувањето на Собранието на 27 април кажа дека дошол во собраниската прес-сала откако влегла толпата. Забележал напад врз затекнатите пратеници.

- Заев веќе имаше крв и толпата фрлаше со столици и секакви предмети, беше хаос. Се бараше шиптарска крв, овие зборови доаѓаа од толпата. Колку што можевме ги браневме со колегите пратениците и новинарите. Толпата беше толку насилна што нашиот живот беше загрозен во секој момент, рече Аљими. 

Не видел некој како лично го удира Села, но видел како фрлаат со столици. Посочи дека имало и човек што стоел до Села и играл топло ладно, односно ги смирувал  луѓето од толпата, а со лицето бил свртен кон Села и пратениците. Кажа дека тоа лице е во судницата и судот констатира дека тоа е Александар Јаневски.  

Сведокот препозна уште едно лице кое било во прес центарот и немало маска - обвинетиот Кире Георгиевски. 

Кажа дека пред да го изнесат од прес-салата го видел  Села како стои покрај вратата. Следен пат кога го видел Села, тој веќе бил цел во крв  и лежел во клубот на пратеници. Мислел дека е мртов. Имало многу луѓе  и еден со бела маица го удрил со клоца Села по левата страна и рекол „оставете овој е мртов“. Кажа дека не се сеќава на лицето и дека му се чини дека тоа лице имало маица на главата. Потоа зедно уште две лица го однеле Села во бифето, му дале прва помош и чекале да дојде доктор. Низ прозорецот во бифето го изнеле Села, кој едвај одел и не бил при свест и само го прашал каде го води на македонски, а тој му вратил дека е во сигурни раце. Го пренеле Села во една канцеларија на третиот кат и повикале лекар. По добиената прва помош, Села бил пренесен во собранискиот подрум, го маскирале во полицаец и со блиндирано возило од полиција го однеле во болница. 

Пред судот денеска искази треба да дадат и сведоците Мухамед Зекири и Игор Јанакиев.

На претходното рочиште, што траеше шест часа, беа сослушани тројца претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски. 

Во овој случај обвинети се Кире и Цео Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.