Македонија
1. February 2023 - 15:14

Алијансата за Албанците: За влез во Владата преговараме за ресорите правда и здравство

Министерството за правда останува еден од ресорите што целиме да ги раководиме, заедно со Министерството за здравство, информираат за МИА извори од Алијансата за Албанците околу преговорите за кадровските решенија при евентуален влез на партијата во Владата.

Од партијата велат дека преговараат за овие два ресори, со оценка дека имаат кадровски капацитети за раководење со нив.

Извори од Алијансата за Албанците потенцираат дека за трето министерско место, останува да преговараат следните денови заедно со кадрите од вториот и третиот ешалон. 

Од партијата посочуваат дека приоритет ќе им биде борбата против организираниот криминал и корупцијата, и затоа, како што велат, инсистираат нивни кадри да бидат застапени во сите дирекции, институции и инспекторати кои се поврзани со овие области, како УЈП, Царината, полицијата... Според нив, не е услов да имаат прв или втор човек во овие институции, туку да нивни кадри да бидат застапени во сите овие институции на различни нивоа.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари вчера по средбата со премиерот Димитар Ковачевски изјави дека влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата се уште не е дефинитивно, но оти шансите за тоа се огромни. Тој потенцира дека околу 90 проценти од програмските определби се синхронизирани, додека за кадровските решенија воопшто не било разговарано. 

За кадровските решенија, како што посочи, ќе разговараат во текот на следниве неколку дена, додавајќи дека еден од ресорите за кои „имаат најдобри кадри“ е Министерството за здравство.

И премиерот Димитар Ковачевски вчера напомена дека во најголем процент се усогласиле со Алијанса за Албанците, додека во делот на сите други аспекти за можна соработка, разговорите ќе продолжат.

Извршниот одбор на СДСМ синоќа на седница избра работна група за понатамошните разговори со Алијанса та за Албанците, во која покрај партискиот лидер и премиер Ковачевски, членуваат и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, членот на Централниот одбор Љупчо Николовски и координаторот на пратеничката група во Собранието Јован Митревски.

Истовремено, за вечерва во Гостивар е најавен состанок на најтесното раководство на владејачката Алтернатива, на кој како што потврдија извори од партијата за МИА, ќе се одлучува какви чекори ќе преземат во однос на евентуалниот влез на Алијансата за Албанците во Владата.

На последните парламентарни избори во 2020 година Алијансата за Албанците и Алтернатива настапија во коалиција, но лани Алтернатива реши да влезе во владината коалиција откако Беса ја напушти Владата, додека Алијансата остана во опозиција.