Македонија
15. March 2017 - 16:08

Али Ахмети не влегува во Парламентот без политички договор со ВМРО-ДПМНЕ

Заев крои план да го заобиколи Иванов, Ахмети не се согласува. Планот за ново Собраниско мнозинство заглави меѓу Мала Речица, Бихаќка и Водно.

Првиот интегративец вчера во интервју за ТВ21 дециден. Без договор со ВМРО-ДПМНЕ нема потреба да го свикуваме Собранието

Ахмети и вчера имал средба со Заев на Бихаќка на која уште еднаш му го повторил ставот на ДУИ дека без мандат од Претседателот Иванов, намерата да стане премиер ќе му остане на списокот неостварени желби.
Во ДУИ се на став дека заобиколувањето на Претседателот ќе остави можност одлуката на Собранието за избор на нова Влада да падне на Уставен суд.

Во меѓувреме СДСМ продолжува да бара поддршка кај албанските политички партии кои му дадоа потписи на Заев. Како што брифираат од Бихаќка, целта е до крајот на неделата да се заврши со конститутивната седница и потоа да се прави обид да се изгласа нова Влада.

Ваквиот став Заев денеска му го соопштил и на словенечкиот амбасадор.

„Планираме да ја тргнеме секоја пречка за изговор од Ѓорге Иванов околу доделувањето на мандатот. Во таа насока, очекувам, во следниот период во Собранието да биде избран новиот претседател на Парламентот кој ќе испрати допис до Иванов дека е формирано парламентарното мнозинство и дека почнува да тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандатот за формирање на новата Влада.“ – му рекол Заев на Јазбец, пренесуваат од СДСМ.

На срамежливиот повик на Ахмети за нови разговори од ВМРО-ДПМНЕ со јасен став. Би разговарале само доколку главната тема биде закажување на термин за одржување на нови предвремени парламентарни избори. 

Од партијата велат дека тоа е единствениот излез од сегашната ситуација.