Фудбал
28. March 2017 - 8:22

Алексовски: Секогаш е убаво кога играме пред свои навивачи

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година денеска игра контролен натпревар против Бугарија на тренинг центарот „Петар Милошевски“. Селекторот на оваа репрезентација Благоја Милевски на располагање ги има играчите кои изборија пласман и ќе бидат дел од Европското првенство во Полска. Ова воедно е последниот контролен дуел за оваа селекција, која собирот пред ЕП ќе го има на 4.јуни.
- Натпреварот против Бугарија е добра можност да се продолжи серијата успешни резултати. Европското првенство е се поблиску, притисокот е поголем, но не бегаме од одговрноста. Секогаш е убаво чувството кога играме пред своите навивачи, тоа за нас секогаш е поттик повеќе. За нас е важно да ги почитуваме насоките од стручниот штаб и се надевам дека ќе бидеме на висина на задачата, изјави голманот Игор Алексовски.
Играчот од средината на теренот Бобан Николов, на дуелот со Лихтенштајн во петокот во Вадуц го носеше дресот на А репрезентацијата и беше стрелец на првиот гол.
-      Одиме на победа, ние сме меѓу најдобрите 12 репрезентации во Европа и повтороно ќе се обидеме да ја покажеме нашата вредност. Го оставаме зад нас натпреварот против Лихтенштајн и се фокусираме на Бугарија. Се надевам дека и публиката ќе не бодри како и досега и ќе биде наш играч повеќе, изјави Николов.
Почетокот на натпреварот Македонија – Бугарија е во 14 часот кога почнува и преносот на СИТЕЛ 3.