Македонија
22. November 2018 - 16:32

Албанскиот претседател гостин на прославата на Денот на албанската азбука

Во Македонија се одбележува Денот на албанската азбука, односно јубилејот сто и десет години од Битолскиот конгрес на кој било унифицирано писмото на Албанците.

Албанците денот го сметаат за еден од најважните политички и културни настани за својот народ.

По тој повод и албанскиот претседател Илир Мета допатува во земјава и во придружба на претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ја посетија Старата чаршија во Скопје

Шефот на албанската држава претходно се сретна и со премиерот Заев, а на средбата Мета изразил благодарност за поддршката на највисоко државно ниво што Македонија ја посветува на празникот Ден на албанската азбука, како настан од исклучително значење во историјата на Албанците.

Честитка по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука упати и претседателот Ѓорге Иванов.

Почитувајќи ги идентитетските обележја и меѓусебните разлики ги потврдуваме нашите заложби за градење на подобар живот на сите граѓани и изградба на силна, напредна и европска Република Македонија. Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на азбуката и да ги повикам сите граѓани заеднички да работиме на негување и зачувување на мирот и македонската традиција на соживот и почитување на различноста, наведува меѓудругото Иванов.

За Денот на албанската азбука соопштение упатија и од Собранието на Република Македонија.

Денеска е значаен ден за Албанците во Македонија и се разбира за сите Албанци насекаде низ светот. Ден кога пред точно 110 години, на Битолскиот конгрес се постигна унификација на азбуката со која ќе пишуваат, читаат и зборуваат сите Албанци и тоа помогна во издигнување на албанската култура и образование на едно скалило погоре, меѓутоа беше и крстопатот на кој сиот интелектуален потенцијал на Албанците собран во Битола, насочувајќи ги очите кон запад, го избра патот на напредокот, пишува во честитката од Собранието.

Централната манифестација по повод Денот на албанската азбука, кој е неработен ден за Албанците во Македонија, ќе биде одржана вечер во Македонската филхармонија.