Балкан
26. February 2019 - 14:42

Албанскиот Парламент закажа седница за денеска, опозицијата протест

Со цел да се избегнат несакани настани, наместо в четврток, бидејќи опозицијата најави протест, албанското парламентарно мнозинство закажа седница за денеска попладне.

– Седницата планирана за в четврток во 10,00 часот е презакажана за денеска во 17,00 часот, за да се избегне евентуален судир меѓу денострантите и пратениците од владејачкото мнозинство, пренесува тиранската телевизија Ора њуз.

Спикерот на Парламентот, Грамоз Ручи и минатиот четврток ја одложи седницата поради масовниот протест што опозицијата го одржуваше пред Парламентот.

Во меѓувреме, извори од опозициската Демократска партија, која ја предводи обединетата опозиција, упатена е порака до сите партиски структури итно да се организираат за протест во истиот период кога е закажана седницата.

– Денеска во 17,00 часот ќе има седница на Парламентот. Преземете мерки за максимално присуство во 16,30 часот пред Парламентот. Ве молам за учество на протестот, стои во пораката, која ја пренесува телевизијата.

Обединетата опозиција нема да го одложи ниту веќе најавениот протест пред Парламентот в четврток.

Инаку, од минатиот четврток албанскиот законодавен дом е без опозиција, откако опозициските пратеници се откажаа од мандатите.