Балкан
21. March 2019 - 8:48

Албанската полиција со дополнителни безбедносни мерки за денешниот протест

Албанската обединета опозиција за денеска најави протест пред Парламентот, во исто време кога ќе се одржува пленарната седница.

Поради инцидентите кои се случија на последниот протест од 16 март, кога демонстрантите се обидоа насилно да влезат во законодавниот дом, фрлаа тврди предмети врз полиција, поради што полицијата мораше да употреби солзавец а потоа и водени топови, превземени се дополнителни мерки.

Имено, вчера поставена е железна ограда за да се спречи евентуален влез на демонстрантите во законодавниот дом.

Опозицијата, пак, вчера поднесе кривична пријава против министерот за внатрешни работи Сандер Леши за злоупотреба на службената должност и масовна употреба на солзавец против демонстрантите.

Ова ќе биде шести масовен протест на опозицијата против актуелната Влада, барајќи оставка од премиерот Еди Рама, формирање преодна влада, која ќе спроведе фер и демократски избори.

Опозицијата и овојпат ги повика граѓаните масовно да се придружат на денешниот протест.