Балкан
11. March 2017 - 12:24

Албанската опозиција се закани со бојкот на јунските избори

Водечките албански опозициски партии се закнија дека ќе ги бојкотираат парламентарните избори закажани за 18 јуни, доколку Владата на премиерот Еди Рама не поднесе оставка и не биде формиран технички кабинет, кој би го спровел изборниот процес.

Во заедничкото соопштение на опозициските партии, предводени од Демократската партија (ПД) на Љуљзим Баша, се наведува дека тие нема да учествуваат на изборите, доколку „не биде постигнат политички договор што ќе гарантира слободни и фер избори“.

Албанската опозиција веќе три недели одржува протести пред зградата на Владата во центарот на Тирана, каде е поставен и голем шатор во кој секојдневно се одржуваат протестни собири.

Опозицијата ја обвинува Владата на Рама за корупција и вмешаност во шверц на марихуана и тврди дека „не верува оти таа ќе организира фер избори“.  

Опозициските пратеници ја бојкотираат и работата на албанскиот Парламент, со што го блокираат усвојувањето на судските реформи, чие спроведување ЕУ го постави како услов за почеток на преговорите за членство на Албанија во Унијата.