Балкан
1. March 2017 - 19:41

Албанската опозиција фрлаше со брашно врз Владата во Тирана

Албанската опозиција, која веќе 12 дена протестира во шатор пред зградата на Владата во Тирана, денеска фрлаше со брашно врз владиниот објект, јави дописникот на МИА.

Според опозицијата, фрленото брашно во знак на протест ја симболизира дрогата со која е поврзана актуелната власт.

Ваква порака, опозицијата упати и пред два дена, кога пушти дрон на кој пишуваше „Слободни избори без дрога и без дрогирани“.

Според пресметките на опозицијата, во текот на минатата година во Албанија биле засадени осум милиони садници или 3,2 милиони килограми марихуана.

Лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија (ПД), Љуљзим Баша, денеска вети дека како премиер „ќе ја победи дрогата и криминалот во земјата“, додавајќи дека на земјата не и требаат избори организирани со пари од дрога.

- Подготвен сум да им ги вратам на Албанците редот, мирот и вистинската сигурност, со нулта толеранција и нулта компромис со криминалот. Заедно ќе успееме да ја внесеме Албанија во ЕУ, победувајќи ја дрогата. Ќе формираме национална полиција за да им овозможи на илјадници синови и ќерки, преку соодветна подготовка со инвестиции од даночните обврзници да учествуваат и да сносат одговорност, заедно со полицијата, со цел во свои раце да ја земат територијата на новата Република, изјави Баша.

Опозицијата на 18 февруари во центарот на Тирана одржа масовен протест на кој учествува десетици илјади нејзини членови и симпатизери.

Собирот заврши пред Владата каде вечерта беше поставен шатор во кој над илјада демонстранти, меѓу кои и пратеници и опозициски лидери, го продолжија протестот неотстапувајќи од барањата за оставка на албанскиот премиер Еди Рама и за формирање техника влада која ќе „спроведе слободни и фер избори“.

Парламентарните избори во Албанија се закажани за 18 јуни.