Балкан
13. April 2019 - 8:21

Албанската опозиција денеска на масовен протест

Обединетата албанска опозиција за денеска го најави одржувањето на „најголемиот национален протест“, со истите барања за заминување на премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе предвремени парламентарни избори.

Ќе се протестира пред Владата и за разлика од претходните, денеска протестот почнува во 18 часот.

Од февруари, кога почнаа протестите, досега се одржани осум протести, од нив шест пред Парламентот, а два пред Владата.

Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, од градот Фиер рече дека „криминалната банда на Еди Рама мора да си замине“.

-Еди Рама и неговата банда мора да си одат и треба да знаат многу добро дека избори без опозиција нема да има. Каузата за ослободувањето на Албанија од бандата на Еди Рама е прифатена од огромното мнозинство Албанци, рече Баша.

Последeн апел пред денешниот протест, за што помасовно учество, тој упати преку социјалните мрежи.
 
– Во сабота во 18 часот сите во Тирана! За вистински стандарди, за благосостојба на секој Албанец, за нашиот дом, за нашите деца, ЗА АЛБАНИЈА КАКО ЦЕЛА ЕВРОПА!,напиша Баша.

Албанската полиција е во целосна готовност. Ќе бидат ангажирани повеќе од 1.300 припадници на полициските единици. Пред Владата се поставени безбедносни камери, соодветни заштитни огради, како и заштитни решетки на позорците и вратите.

Синоќа преку социјалните мрежи, шефот на државата Илир Мета, на власта и опозицијата им порача дека е „неопходно да се создаде нова клима во која ќе се сослушаат еден со друг, а посебно да се дозволи критичко размислување, така што општеството ќе може постојано да се рефлектира и реформира“.

Амерканската амбасада од своите државјани побара да го избегнуваат делот на Тирана каде што ќе се одржува протестот, но и оној кај Парламентот.