Албанија трета во светот по раст на туризмот во првото полугодие од годинава - Македонија со пад од 8%
Албанија трета во светот и прва во Европа по растот на туризмот годинава, објави Светската туристичка организација.
Во извештајот се вели дека едиствено Катар и Саудиска Арабија имаат поголем раст на туризмот. Податоците велат дека во соседна Албанија оваа економска гранка пораснала за 59% од јануари до јуни годинава споредено со лани.
Недопрената природа, убавото Јонско море и евтините цени се причините за континуираниот раст на туризмот. Според податоците, бројот на туристи во јуни е поголем за 76,4% во однос на истиот месец лани.
Факт е дека и поради големината, но и поради самото море Македонија не може да се споредува со Албанија во туризмот, но каде сме ние на туристичката мапа? На ранг-листата на СТО Македонија е меѓу државите во јужниот дел од Европа кои бележат најголем пад. СТО вели дека туризмот годинава опаднал за 8%. Полоши резултати бележат само Италија и Израел со пат од 12, односно 13%.
А што вели Државната статистика?
Бројот на туристи во јуни годинава изнесува 110.319 од кои 23,5% се домашни, а 76,5% се странски туристи. Според податоците, туристите во Македонија се задржуваат во просек по две ноќи, со оглед на тоа што бројот на ноќевања во јуни годинава бил 225.092.
Државната статистика бележи раст на бројот на туристи годинава. Според податоците на ДЗС, во периодот јануари – јуни 2023 година бројката е зголеман за 30,1% во споредба со истиот период лани. И тоа се должи главно на странските туристи каде се бележи раст од 46,8%.
Албанија во изминатите години инвестираше многу во туристичките капацитети, но и во патната инфрастрактура. Сега веќе може да се пофали со голема автопатска мрежа и релативно добри патишта.
Најголемиот туристички центар во државава, Охрид, се уште е отсечен од поголемиот дел од Македонија. Државата повеќе од 7 години го гради автопатот Кичево – Охрид. Во ек на туристичка сезона поради градежни активности блокиран беше влезот на Охрид што доведе до тензии меѓу локалната и централната власт. Овој клучен патен правец, според последните најави од власта, треба да биде готов до крајот на 2023 година, но овие најави се повеќе стануваат нереални.
-
Даниел Василевв
Сите содржини од овој новинар