Балкан
19. December 2018 - 21:51

Албанија протера ирански дипломати: Повод беше натпреварот Албанија - Израел кој беше пропратен со терористички закани

Албанија денеска соопшти дека протерала двајца ирански дипломати поради наводни илегални активности кои претставувале закана за безбедноста на земјата.

Портпарилот на министерството за надворешни работи наведе дека дипломатите се протерани поради „кршење на својот дипломатски статус“, како и дека одлуката е донесена по консултации со други земји, меѓу кои и Израел.

Приватната телевизија Топ Ченел пренесе дека Иранците се осомничени за илегални активности во врска со натпреварот од квалификациите за Светското првенство во фудбал меѓу Албанија и Израел пред две години. После тој натпрвар, во Албанија и на Косово се уапсени околу 20 лица, а пред самиот натпревар имало закани за терористички напад. Албанските официјални лица не ги потврдија тие наводи.

Исто така Албанија е дом на повеќе од 2.000 припадници на иранската опозициска група муџахедин ел-Халк, која тука дошла од Ирак.