Балкан
5. August 2017 - 14:22

Албанија ја заостри контролата на границите за да ја зачува визната либерализација

Албанската гранична полиција ги заостри контролите при излез од земјата на албанските граѓани со цел да го запре бранот на баратели на азил во Европската унија.

Наредбата на генералниот директор на државната полиција, Хаки Чако предвидува 14 препораки со кои полицајците на граничните премини ќе утврдуваат кој од граѓаните не ги исполнува условите за влез и престој во Шенген зоната.

При контролата треба да се утврди точната адреса каде граѓанинот ќе биде сместен во земјата каде патува, поканата на лицето кое го очекува, повратниот билет, како и финансиската покриеност за периодот на престој.

Исто така, Чако бара да се зголемат контролите врз туристичките агенции, за кои постои сомнеж дека вршат организирани патувања на азиланти.

Во наредбата се наведува дека бранот на баратели на азил се претворил во голема загриженост, кој може да го доведе во прашање слободното движење на албанските граѓани во Шенген зоната.

Освен од Германија, стотици албански граѓани се депортирани и од Франција, откако им е одбиено барањето за азил.

Поради фактот што Франција станува се почеста дестинација на албанските азиланти, на крајот на минатиот месец властите на двете земји се договорија француски полицајци на почетокот на септември да прстигнат во Албанија и да им помогнат на нивните албански колеги во контролата на граничните премини, со цел да се спречат случаите на непочитување на правилата за слободно движење во Шенген зоната.

Според европскиот институт за статистика - Евростат, во последните три години, односно периодот 2014-2016 година, во некоја од земјите на ЕУ влегле над 118 илјади нелегални мигранти од Албанија. Поголемиот број од нив или 101 илјада биле депортирани, процес кој продолжува и во 2017 година. Само лани се депортирани 42.600 албански граѓани