Балкан
12. March 2021 - 8:40

Албанија денес добива 38.400 вакцини од АстраЗенека

Албанскиот премиер Еди Рама објави на Фесбук дека денес во неговата земја ќе пристигне пратка со вакцини од АстраЗенека.

-Добра вест. На 12 март ги добиваме првите 38.400 дози вакцини од АстраЗенека и веднаш почнуваме со имунизација на просветните работници, напиша Рама.

Албанија со Ковакс има потпишано договор за 1.114.000 дози на вакцини за што се платени 3,9 милиони долари.

Процесот на имунизација против Ковид-19, под мотото „Албанија насмевната“ почна на 11 јануари, со добиените 975 вакцини од, како што тогаш кажа Рама, пријателска земја. Во меѓувреме во Албанија пристигнати се и 22.230 вакцини од компанијата Фајзер од договорените 500 илјади.

Досега вакцинирани се над 22 илјади, главно здравствени работници и постари лица од 80 години.

Со донесената одлука албанската Влада го отвори патот за преговори за руски и кинески вакцини. Според денешниот нормативен акт, овластени за преговорите се министерката за здравство Огерта Манастирлиу и министерот за обнова, Арбен Ахметај.