Македонија
21. May 2018 - 14:07

Алатката за отчетност на трошењата претставена во ЗЕЛС

Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции што ја применува Владата веќе извесен период би можела наскоро да се применува и од страна на Единиците на локалната самоуправа.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов по денешната средба со министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски на која му била презентирана оваа алатка, оцени дека од неговото досегашно искуство, средби со колегите од општините и работата во телата и органите на Заедницата, постои генералната заложба на сите локални власти за транспарентно работење, отчетност за сработеното, но и за потрошеното.

- Од тој аспект несомнено е дека го прифаќаме и овој начин на одговорност пред нашите граѓани за трошењето на нивните пари. Се разбира за сето ова наскоро ќе дискутираме во рамките на Управниот одбор на ЗЕЛС, но би сакал да истакнам дека исто како и Владата така и ЗЕЛС може да даде препораки на општините, бидејќи станува збор за единици на локална самоуправа, односно посебна власт со свој Совет кој носи локални одлуки, рече Шилегов.

Министерот Поповски изрази надеж дека препораката ваквиот вид на отчетност и транспарентност за трошењата на функционерите кои имаат можност да располагаат со парите на граѓаните ќе биде применета на ниво на локалната власт.

- Транспарентноста е многу значајна, 11 години во Македонија се молчеа информациите. Препораката на оваа Влада, но и нејзината стратегија е дека транспарентност во однос на владеењето е суштина на секоја власт. Ние ги поставуваме стандардите на политичко однесување во Република Македонија и верувам дека луѓето во ЗЕЛС и Управниот одбор сето тоа ќе го прифатат и активно ќе го применуваат, рече Поповски.

Тој најави дека алатката ќе биде препорачана за примена и кај првиот човек на државата и во правосудните органи со што би се заокружил односот на отчетност и отвореност кон граѓаните.

Алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавни функции би се применувала за градоначалниците, секретарите на општините и претседателите на општинските совети. За сите градоначалници кои ќе се согласат да ја применуваат заедно со Владата ќе бидат одржани посебни обуки.

Алатката за транспарентност како обврска ја користат премиерот, министрите, замениците-министри, државните секретари и директорите и замениците-директори на јавни претпријатија.