Македонија
25. September 2017 - 16:08

Активности на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Велес и Ѓорче Петров

 ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денеска на прес конференција ги промовираа кандидатот за градоначалник Зоран Илиоски и кандидатите за членови на Советот на општина Битола.

Илиоски истакна дека на претстојните локални избори граѓаните ќе гласаат за себе, своето семејство, својот двор, својата улица, соседството и визијата за иднината на вашето најблиско опкружување и Битола, но истовремено и за иднината на Република Македонија која се соочува со најголемите предизвици во својата понова, независна историја.

- Со мојот тим, ќе тропнеме на секоја врата, во секој двор, ќе го посетиме секое маало, секоја уличка, секое населено место ќе разговараме со сите, директно и отворено - да ги слушнеме проблемите. Како и секогаш, и на овие избори настапуваме со предизборна програма со конкретни проекти, предвидени средства и рокови за реализација и таа програма е резултат на досегашните постојани контакти со граѓаните, посочи Илиоски. 

Тој најави засадување на 10.000 нови садници урбано и блоковско зеленило, изградба и опремување на комплетно нов парк како зелен појас во Нова Битола и како мерка за намалување на загадувањето од автомобилите.

На прес-конференцијата, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ги претставија и кандидатите за членови на оштинскиот Совет кои ги предводи Борче Димитровски, претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Битола. 

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Велес, Славчо Чадиев, денеска ги претстави приоритетните проекти од изборната програма за  развој на општината. Тој ветува макотрпна и напорна работа.

Со реализирани 370 проекти во изминатите четири години, тој бара втор мандат од сограѓаните за, како што кажа, почнување нови проекти за подобар живот во општината.

Најави изработка на студија за изградба на гасоводна мрежа на градот,  изградба на обиколница и кружни текови како решение за сообраќајниот метеж, катна гаража на паркингот до автобуската станица, покриен градски пазар…

Поранешното училиште „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе се пренамениме во Центар за лица со посебни потреби и во градинка, а Офицерскиот дом во Градска библиотека. Туристичкиот локалитет „Езеро Младост“ дополнително ќе се уреди. Ќе започнеме и постапка за одвојување на атмосферската канализација од фекалната со изградба на прочистителна станица за отпадни води за Велес, рече Чадиев.

Тој вети позитивна кампања и најави дека ќе даде приоритет на предлозите од граѓаните за решавање на нивните проблем и подобар квалитет на животот во  урбаните и месни заедници.

Политиката е натпревар на идеи, служење на народот. Велес е град кој што заслужува таков однос. Граѓаните тоа го очекуват од нас, и ние не треба да ја изневериме дадената доверба, рече Чадиев.

Многу проекти за општина Ѓорче Петров најавува Владо Мисајловски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе гледаме да бидеме присутни насекаде, во секое маало, на секоја улица. Сакаме да презентираме многу проекти што ќе ги има во програмата за кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров. Тоа ќе биде мојата програма која ја направив за сите граѓани, токму тука. Позади мене е паркот во Ѓорче Петров, овде ќе има еден модерен и убав парк. Ќе го направиме најубав парк во градот Скопје. Ќе има многу нови улици, преку 100 нови улици за асфалтирање во Ѓорче Петров. Две нови градинки ќе направиме во Ѓорче Петров. Многу водоводи и канализации насекаде, особено во руралниот дел, истакна Мисајловски.

Тој потенцира дека ќе работи на тоа во секое маало да има нови паркчиња и игралишта, нови детски катчиња.

Заедно сите, со многу работа, ќе го направиме Ѓорче Петров најдобра општина во градот Скопје. Ве очекувам сите да ни се придружите, да имаме една одлична и позитивна енергија, една позитивна кампања и Ѓорче да победи, им порача Мисајловски на своите сограѓани.