Македонија
18. October 2017 - 19:24

Активности на кандидати за градоначалници во Штип

Кандидатот за градоначалник на Штип од ВМРО-ДПМНЕ Илчо Захариев на  прес-конференција денеска истакна дека во изминатите четири години реализирани се 450 проекти, а еден од подобрите е реконструкција на Градската бања „Кежовица“. Тој најави дека во неговата изборна програма предвидено е за пензионерите, лицата со посебни потреби и социјално ранливите семејства еден ден во неделата бесплатно да ги користат услугите на бањата „Кежовица“.

- Лековитите води на „Кежовица“ се познати со децении. Тоа се едни од најлековитите води во Европа, користењето на тие види носи благодат  и здравје. Од тие причини како локална самоуправа се обраќаме до  сите пензионери, до сите ранливи групи и сите лица со посебни потреби дека секој вторник ќе биде бесплатен ден за користење на услугите на бањата „Кежовица“, рече Захариев.

Истакна дека општината ќе им обезбеди и бесплатен превоз од нивните домови до бањата и на тој начин Кежовица ќе ја направат подостапна за околу 9.000 пензионери на кои, како што рече, навистина им се потребни нејзините лековити води.

Кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ Благој Бочварски денеска на прес-конференција најави дека како нова локална власт ќе отворат дисперзирана канцеларија на Општина Штип во населбата Сењак, каде што гравитираат и жителите од останатите поголеми штипски населби.

- Оваа населба треба да прерасне во голем центар со сите содржини, а и да го растеретиме центарот и за Сењак да добие поголема тежина во нашиот град. Сакам да најавам дека ќе има дисперзирано одделение на Општина Штип, овде во населба Сењак, каде што граѓаните од овој дел од градот и населбите Баби, Караорман и Дузлак ќе може да дојдат овде, да го извадат секој потребен документ што може да го извадат и во Општина Штип, рече Бочварски.

Вети и изградба на нова градинка, реконструкција на сите тротоари, но и на крстосницата во населбата Сењак, која е една од најфреквентните, а исто така ќе се постави и подбро улично осветлување на повеќе улици, како и во училишниот двор на основното училиште „Димитар Влахов“. Во однос на комуналната хигиена, Бочварски додаде дека ќе бидат поставени контејнери и канти за отпадоци на повеќе места во населбата Сењак.