Македонија
9. August 2021 - 10:52

Активни пожарите во Беровскиот, Скопскиот, Битолскиот, Кумановскиот регион, локализиран пожарот во делчевско

Се уште се активни пожарите во Пехчево, Сарај во Скопје, Петровец, Старо Нагоричане, Прилеп, Штип, Битола, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно состојбата до 8 часот. Пожарот во делчевско е во контрола и нема опасност од негово ширење, а локализиран е и пожарот во атарот на селата Дрен – Смолане, прилепско.

Како што соопшти ЦУК, пожарите во село Трботивиште – Нов Истевник м.в. Света Вода и село Разловци во општина Делчево се во потполна контрола и нема никаква опасност од нивно ширење. Екипи кои набљудуваат кои се на местата на пожарот кога ќе се појави некое жариште во изгорениот дел веднаш реагираат од евентуално проширување.

Во текот на вчерашниот ден кај Разловци интервенирале: ТППЕ Делчево со 10 пожарникари, ШС Делчево со пет вработени, АРМ со 29 припадници, МВР со 40 припадници, Гранична полиција со цистерна, ЈКП Делчево со цистерна и 2ПП екипи од Бугарија. Кај Нов Истевник ШС Делчево со четири вработени и МВР со 14 припадници.

За денеска, како што посочуваат од ЦУК, договорено е во гаснењето на пожарот да интервенираат: еден вработен од РЦУК Делчево, 10 лица со две теренски возила од ПС Голак од Делчево, 10 пожарникари со две цистерни и едно теренско возило од ТППЕ Делчево, пет полициско службеници со три теренски возила и еден камион штаер со цистерна за вода со три тони од РЦ Исток, шест полициски службеници со три возила од МВР ОВР Делчево, седум лица со две теренски возила со еден тон вода од ЈКП Брегалница, 40 војници од АРМ, ОО Црвен Крст Делчево и волонтери од месното население со трактори и цистерни за вода, рачен алат за гаснење, а по потреба ќе бидат ангажирани и други сили.

Во општина Берово се уште е активен пожарот на потегот Будинарци-Митрашинци каде што гори борова шума. Екипите што беа на терен се повлекуваат за да во раните утрински часови повторно ќе излезаат на терен. Ќе останаат набљудувачи што ќе ја следаат состојбата, а доколку има потреба да се мобилизираат останатите екипи. Загрозени села од пожарот во моменот нема. Во текот на вчерашниот ден интервенирале: АРМ 22 припадници, ПП Австрија 60 припадници, ПП Словенија 45 припадници, Месно население 15 и Останати субјекти околу 60 лица.

Според известувањето од ТППЕ Штип, во 12 часот добиле дојава за пожар кој избувнал во атарот на село Драгоево и село Селце во општина Штип каде гори сува трева, смрека и нискостеблеста шума. Во гаснењето на пожарот интервенирале четири лица од ШС Серта од Штип и четири пожарникари со едно ПП возило. Пожарот е сеуште активен, а со гаснењето ќе се продолжи во текот на денешниот ден.

Во Скопскиот регион, во Општина Сарај, пожарот кај Раовиќ – Буковиќ се движи кон сртот, нема опасност за селата, гори мешана шума и е на доста непристапен терен. На место на пожарот е отидена екипа од БППЗ на Град Скопје. Остварен е контакт со одговорно лице од Ловиштето- Јасен кој пренел дека пожарот е до сртот, тие на лице место имаат осум луѓе кои прават напор да се задржи огнот. Гори мешана шума, смрека, висока трева, и доколку го смени правецот луѓето ќе бидат во опасност.

Во врска со пожарот кај Катланово, односно Дивље и Крушје (општина Петровец), поради интевенција од воздух, гасењето од земја било оневозможено. БППЗ на терен се со едно возило и пет пожарникари, а екипата од ШС Караџица целосно е повлечена.

Во Битолскиот регион, во текот на вчерашниот ден повторно е реактивиран пожарот кај село Топлица, општина Прилеп, покрај магистралниот пат Прилеп-Градско. Според последните информации реактивираниот пожар се движи кон атарот на село Крстец. Гори дабова и букова шума и сува трева.

Во текот на вчерашниот ден во гаснењето на пожарот интервенирале ТППЕ-Прилеп со едно ПП возило и три пожарникари и пет вработени од ЈП „Црн бор“-Прилеп. Во интервенцијата учествуваат и припадници на АРМ. На локацијата на пожарот делувано е и од воздух (1 налет на канадер), но пожарот е се уште активен. Утрово во гаснењето на пожарот интервенираат тројца пожарникари со едно ПП возило и пет вработени од ЈП „Црн бор“-Прилеп.

Во Кумановскиот регион од ноќеска повторно е активен пожарот во атарот во село Дренк (на тромеѓа меѓу село Дренк – Жељубино – Аљинце). Екипата на ТППЕ со едно теренско возило и пет пожарникари интервенира од 20:30 часот со напртњачи, во интервенцијата учествуваат и двајца мештани. Екипата е се уште на терен и работат на негово гаснење.