Македонија
4. August 2017 - 17:16

Активни неколку пожари во Македонски Брод

Пожарот во атарот на село Требовље и село Растеш се уште е активен. Во гаснењето се ангажирани АРМ (за пожарот во село Требовље и дел од атарот на село Растеш), месно население од село Растеш, лице од село Заград и доброволци од Кичево, Прилеп и Скопје.

Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), вработените на Шумското стопанство „Сандански“ – Македонски Брод се ангажирани за дејствување на пожарот во село Растеш. Тие преземаат активности за локализирање на пожарот, за да не се приближи до куќите и шталите со стока кои се во подножјето на селото и спречување на пожарот во месноста викана Коритски Дол. 

На пожарот во село Девич ангажирани се лица од Шумското стопанство „Сандански“ – Македонски Брод, кои го контролираат. Горните куќи од Девич не се загрозени. Пожарот е под контрола и со намален интензитет на месноста викана Попец. 

Во моментов има нов пожар во атарот на село Могилец, каде дејствува Територијална противпожарна единица од Македонски Брод.

Пожарот во атар на селото Близанско, на месностите викани Брдо и Круша, повторно се активира и се движи кон месноста Фојник  и постои опасност доколку не се стави под контрола да префрли на атарот на селото Брест. Пожарот од атарот на селото Растеш се проширил на атарот на село Волче и постои опасност од опожарување на селото.

ЦУК нагласува дека гасењето на пожарите го отежнуваат високите температури и присуството на ветар.

Пожарот кај селото Моране се префрлил во атарот на село Орешани , општина Зелениково. Пожарот зафатил нискостеблеста шума, но ако се прошири кон реката и над викенд населбата Орешани може да навлезе во високостеблеста борова шума. На терен се екипи на БППЗ на Град Скопје, а се очекува да се придружат и други.

На подрачјето во правец од село Бојане кон село Желино во моментов гори сува трева и нискостеблести растенија. Противпожарни екипи се на терен и во моментот нема потреба од воздушна интервенција, но доколку пожарот се прошири до Желино тогаш возможно е да ги зафати и зимзелените и дабови растенија.

Пожарот кај браната Матка е изгаснат и на терен е оставена екипа да дежура. Зафатена била нискостеблеста шума во општина Сарај. Изгаснат е и пожарот кај село Барово, општина Сопиште со навремена интервенција на екипа од ЈП „Паркови и зеленило“. Во пожарот горела нискостеблеста шума. 

Пожарот во атарот на селата Дрен – Смолани, кој беше изгаснат вчера, денеска од  7 часот повторно е активен и веќе се проширува на горниот дел на планината. Екипата за гасење е се уште на местото на настанот. Зафатена е претежно нискостеблеста дабова шума, чалија, смрека и др. Се работи за непристапен терен.

Се уште активен е пожарот во атарот на селото Подвис, кој почна на 2 август. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума, сува трева и стрништа. Поради високите температури, правецот на ветерот и непристапноста на теренот отежнато е гаснењето. Пожарот се шири од пределот по ридот кон селото Алданци. На терен во моментов се ангажирани екипи на Територијалната противпожаран единица Крушево и Шумското стопанство „Липа“ – Крушево.

Во реонот на Тетово активни се два пожари на отворен простор. Над село Копанце каде гори површина обрасната со сува трева по сртот на планината Жеден и не е зафатена шума. На местото е екипа од Шумското стопанство „Лешница“ – Тетово.

Во атарот на село Гургурница активен е пожарот што од страната на Македонски Брод се префрли на територијата на општина Брвеница. Гори сува трева и пасишта, но постои можност да се зафати и високата шума. Екипа од Шумското стопанство „Лешница“ – Тетово се наоѓа на местото.

Пожарот во атарот на село Корито е активен и интервенира месното население, екипи на Шумското стопанство „Шар“ и Територијална противпожарна единица од Гостивар. Екипа на ТППЕ Гостивар интервенира и на пожар кај месноста викана Тумчевишка Петла во Гостивар.

Од Повардарскиот плански регион, пожарот во атарот на село Дреново, во месноста Дреновска Корија е активен и со него зафатена е шума под даб, јасен и бука. На терен е екипа на Шумско стопанство „Бабуна“ – Велес, но пожарот е интензивен и се бара поддршка за гасење од воздух.

Активен е пожарот во атарот на селото Богомила во месноста Црвен Дол. Екипата на Шумско стопанство „Бабуна“ гаси од страна на село Мокрени и прави појас. Таму е и екипа на Дирекцијата за заштита и спасување од Велес. Поради можноста пожарот да оди кон село Богомила, испратени се авиони за гасење.

- Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, но теренот е исклучително непристапен за гасење, соопшти ЦУК.