Активни девет пожари, најголемиот на територија на Општина Македонски Брод, се гасне и со хеликоптери
Од вкупно 40 пожари регистрирани во текот на вчерашниот ден, изгаснати се 25 пожари, а шест се ставени под контрола. Девет пожари се се уште активни во текот на денешниот ден, од кои најголем е пожарот на територија на Општина Македонски Брод, стои во видео-изјавата објавена од директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
-Бројот на пожари коишто секој ден ја зафаќаат територијата на Македонија е алармантен. Во текот на вчерашниот ден имавме дури 40 пожари на отворен простор. Некои од нив помали, некои малку поголеми, а имаме и еден монструм од пожар. Но, морам да укажам по којзнае кој пат дека и најмалите пожари за миг можат да се претворат во големи шумски пожари и да загрозат некое населено место или да загрозат живот на луѓе неколку километри понатаму. Затоа апелирам до сите граѓани, да бидат исклучително внимателни, за да не предизвикаат пожар на отворено, порача Ангелов и предупреди дека ресурсите се трошат, а пожарникарите се на крајот на силите.
Најтешкиот пожар со кој се соочуваат веќе 20 дена, е пожарот што беснее на територијата на Општина Македонски Брод, пожарот што помина преку селото Тажево, притоа ги изгоре куќите од ова село, потоа свртел околу селото Брезница, а во текот на вчерашниот ден се симнал на територијата на ловиштето Јасен.
-На овој пожар повторно денеска врз него дејствуваме со многу ресурси, вклучително и со еден унгарски хеликоптер. Таму се и 40 припадници на унгарската противпожарна бригада со специјални возила кои веќе изработија противпожарен појас со кој е обезбедена викенд населбата на брегот на езерото Козјак. Исто така имаме локални пожарникари но и 26 припадници на македонската полиција, вели Ангелов.
Тој нагласува дека во овој момент викенд населбата е релативно безбедна, бидејќи поради противпожарни појаси, но, вели, сепак наведува дека се следи со внимание и ќе биде потребно на истото место да има луѓе коишто нема да му дозволат на пожарот, односно на огнот да ги прескокне противпожарните појаси, како и шумскиот пат што минува вендаш над самата населба.
Вториот пожар што се провлекува со денови наназад, вели Ангелов, е пожарот на Илинска планина кој сега повеќе се одвива на територијата на Општина Демир Хисар. На него денеска дејствуваат четири локални пожарникари со поддршка на десет вработен во Национални шуми. Активен е на потегот кај село Брежани, Општина Охрид, па од таа страна дејствуваат и 20 припадници на Национални шуми. Зафатена е, пред се, ниска вегетација, нискостеблеста шума, а на некои места гори и борова шума.
-Карактеристично за овој пожар е тоа што во повеќе наврати користевме воздухоплови, во неколку наврати ер трактори, исто така користевме хеликоптери, но се крева силна чад која што ја намалува видливоста, го отежнува маневрирањето на воздухопловите. Затоа апелирам до општинските власти да дадат се од себе да ги зголемат активностите на овој потег и да го стават под контрола овој пожар на отворено, којшто беснее со денови, апелира Стојанов.
Третиот пожар е активен на територијата на Општина Чашка, во селата Папрадиште и Орашче, каде утрово делувале два ер трактори од Кипар. Тоа се ер трактори коишто пристигнале во текот на вчерашниот ден, а од денеска се веќе ставени во функција. На земја се ангажирани 10 лица од Национални шуми, како и пет вработен во Општината. Горат млади насади од шума, ниска вегетација, но и висока шума.
Четвртот пожар е пожарот што вчера изби на територијата на Општина Петровец, тргна во насока на Градманци и Дивље, којшто ноќеска предизвикал силна вознемиреност кај жители или лица коишто престојуваат во викенд населбата над Катлановска бања. Врз него се делува со двата ер трактори на ДЗС, како и со двата германски ер трактори. Исто така на терен се припадници на Бртигадата за против - пожарна заштита на Градот Скопје, вработени во Национални шуми и ДЗС. Гори ниска вегетација.
Се уште е активен и пожарот на територијата на Општина Студеничани кон селата Драчевица и Црвена вода во месноста наречена Темна бука, каде што во гаснењето учествуваат вработени во Национални шуми. Гори мешана ниска, но и висока вегетација.
Шестиот пожар е на територијата на Општина Кичево, кај село Челопеци кој во текот на вчерашниот ден тргна во насока на неколку воени објекти, поради што, како што наведува директорот на ЦУК, за негово гаснење била насочена поголема воздушна сила, односно неколку хеликоптери - еден армиски, неколку странски, како и ер трактори.
-Во текот на денешниот ден таму дејствуваме со два ер трактори од Германија како и локалните пожарникари, но и припадници на македонската армија и поголем број од нив. Овој пожар започна од една дива депонија, а потоа се прошири на околната ниска вегетација, наведува Ангелов.
Седмиот пожар е на територијата на Општина Дебар кај село Косоврасти каде што теренот е исклучително стрмен, се движи во насока и на село Рајчица, Рејлевци. Во овој регион денеска е дејствувано со два ер трактори на ДЗС, а на терен се пет локални пожарникари, 12 вработени во Национални шуми, како и четири лица од месното население. Станува збор, според Анегелов, за тежок шумски пожар којшто гори на тешко пристапен терен.
-Осмиот пожар е на територијата на Охрид, на планината Галичица, тоа е пожарот којшто во текот на вчерашниот ден влезе од албанска на наша страна, потоа го ставивме под контрола, го изгаснавме, но повторно е реактивиран. Таму дејствувавме во текот на денешниот ден со еден полициски хеликоптер, на самото место се наоѓаат локални пожарникари, лица од Национални шуми, доброволци, но и ренџери од Националниот парк. Исто така се дејствува и од албанска страна во гаснењето на овој пожар. Гори ниско стеблеста вегетација и трева.
Деветиот активен пожар е на територијата на Македонски Брод, во атарот на село Слатине За гаснење на овој пожар пренасочени биле дел од пожарникарите од Македонски Брод кои се вкупно 12, со што, како што вели Ангелов, ја ослабнале нивната бројност кај големиот пожар којшто се движи во насока на Јасен и на викенд населбата на езерото Козјак. Овој помал пожар го гаснат луѓе од ЈП Национални шуми и месно население. Гори ниска вегетација.
Шесте пожари што се ставени под контрола, но коишто, предупредува Ангелов, во кој било мoмент можат дa излезат надвор од контрола се на територијата кај Гeвгелија кај село Негорци, Кичево кај село Зајас, Кочани во месност наречена Панаѓур, во Македонски Брод, кај село Слатина, Општина Пласница кај село Пласница каде се уште чади во насока на селото Латово, и депонијата на Делчево, која што се уште дава знаци на чадење.
Вчера изгаснати се вкупно 25 пожари, од нив на територијата на градот Скопје се изгаснати вкупно 11 пожари, а два се се уште активни.
-Скопските пожарникари имаат полни раце со работа. Се убија од работа, гасат секојдневно голем број на пожари. Само на територијата на Општина Студеничани после Драчево, за оние коишто не знаат каде се наоѓа оваа општина, вчера имаше четири пожари. На територијата на Гази Баба вчера имаше четири пожари. Еден пожар на територијата на Општина Арачиново, и еден на Општина Чучер Сандево. Затоа апелирам до граѓаните да бидат внимателни. Ресурсите се трошат, пожарникарите се на крајот на сите сили. Се поставува прашање што доколку со ова темпо граѓаните продолжат да палат пожари, намерно или ненамерно. Значи нашите сили се при крај. Помошта од странство исто така е намалена, подвлече Ангелов.
Во текот на вчерашниот ден изгаснати се и пожари кај Прилеп, Дојран, Богданци, кај Гостивар два, во Берово, Брвеница, Радовиш, Дебар, Куманово, Крива Паланка, во Струга три пожари и уште еден кај Делчево. Бројот на пожари е алармантен.
Во овој момент на територијата на државата дејствуваат еден хеликоптер од Унгарија, два ер трактори од Германија, како и два ер трактори од Кипар. Коишто пристигнаа во текот на вчерашниот ден. Рано наутро си замина српскиот хеликоптер којшто ни беше од голема помош но поради зголемениот број на пожари на отворено тој мораше да се врати во Србија. Воедно, на самото место го имаме и тимот од 46 лица од Унгарија, кој целосно е насочен на големиот пожар кај Македонски Брод односно над езерото Козјак којшто влезе во Јасен. Апелирам граѓаните да пријават на бројот 122 кое било сомнително однесување особено доколку се сведоци на лице коешто подметнало или ненамерно предизвикало пожар на отворено, потенцира директорот на ЦУК Ангелов во видео-изјавата.
Ново на Сител
-
Подарок од срце за Светскиот ден на животните: dm донираше 678 килограми храна на три скопски прифатилишта за кучиња
-
Таравари вети вработување на половина од средно медицинскиот персонал што работи со договор на дело
-
Коцевска: Нема потреба од носење на Закон за амнестија, треба поголема примена на условниот отпуст со заштитен надзор
-
Расчистени повеќе диви депонии во општините Сарај, Карпош, Центар, Бутел и Чаир
-
Кликс: Најмалку 10 лица загинаа во поплавите во БиХ, побарана помош од Оружените сили
-
Македонски државјанин уапсен во Косово при обид заедно со други две лица со трактор нелегално да ја премине границата
-
Приведен маж од Тетовско поради приредување игри на среќа без лиценца
-
ИДФ нареди евакуација на 35 области во јужен Либан