Македонија
24. November 2021 - 8:44

Активни 8 281 ковид случаи, одложена одлуката за предлог мерките за невакцинираните

Одлуката за предлог мерките за невакцинираните ќе се носи на наредната владина седница, на која ќе треба да се разгледаат и барањата на синдикатите. Одлуката за мерките за кои требаше да се расправа вчера беше одложена по автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 наши државјани.

Со предлог мерките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се предвидува сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции, за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

Синдикатите завчера на средба со ресорниот министер Венко Филипче побараа два платени слободни дена по вакцинацијата, ПЦР тестирањето за оние кои не сакаат да се вакцинираат да биде на трошок на работодавачот, како и да биде продолжен на 15 дена рокот кога ќе почнат да важат мерките, наместо 10 дена како што предлага Комисијата за заразни болести. Нивните барања според најавите треба да бидат разгледани на седница на Владата.

Во меѓувреме забелешки и предлози упатија и од Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ) од каде сметаат дека во услови кога вакцинирањето против КОВИД е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност, донесувањето евентуална одлука од страна на Владата со која работодавачите би ги покривале трошоците за ПЦР тестовите за работниците кои не сакаат да се вакцинираат би била целосно нелогична, неоправдана и неприфатлива. Од Стопанската комора на Македонија, пак, бараат невакцинираните работници во приватниот сектор кои последните шест месеци не прележале КОВИД задолжително да се тестираат, но на сопствен трошок и тоа со брзи, а не со ПЦР тестови.

Според ОРМ, неприфатлив е и предлогот за платени два слободни дена за вакцинација на работниците, бидејќи со ова би се довеле во нерамноправна состојба оние работници кои веќе се вакцинирани, а за кои претходно не важела оваа поволност.

– Во време кога компаниите се соочуваат со голема неизвесност и се обидуваат да се обезбедат работа и опстанок на што поголем број работни места, предлогот со кој трошокот за тестирање на работниците кои не сакаат да се вакцинираат да падне на товар на работодавачите би претставувал големо и неоправдано дополнително финансиско оптоварување за компаниите, наведува ОРМ во врска со најавата за новите предлог мерки за невакцинираните работници предложени од страна на Комисијата за заразни болести кои треба да ги разгледува Владата.

ОРМ предлага Владата да преземе други мерки со кои би се стимулирала имунизацијата на населението како што се: исплата на еднократна парична награда за вакцинираните работници, слободен ден за секој вакциниран, бесплатен превоз за вакцинација во Србија, на вакцинираните не им се одбива награда или бонус за отсуство во случај да заболат, а не целокупниот товар да се префрла на компаниите кои досега доследно ги спроведуваа сите одлуки на надлежните државни органи и во целост обезбедуваат примена на протоколите и превентивните мерки за заштита од КОВИД во текот на работниот процес.

Од СКМ апелираат доколку се усвои ваквиот предлог државата да овозможи контрола на движење на цените, односно да ја определи највисоката цена на брзите антигенски тестови за работниците да немаат големи трошоци. Според Комората, трошокот за тестовите не смее да падне на товар на компаниите.

-Ако работникот одлучи да се вакцинира, ќе нема никакви трошоци. Во спротивно, ќе треба задолжително да се тестира, но со брзи тестови, а не со ПЦР кој е 10 пати поскап. Ова никако не значи задолжително вакцинирање, ниту каков било притисок во таа насока, туку само  задолжително брзо тестирање што е вид превентива. Ако некој не смее да се вакцинира поради здравствената состојба, нема да подлежи ниту на тестирање. Ќе ги почитува само мерките, рече вчера потпретседателката на Комората, Анета Трајковска и додаде дека целта на ваквиот предлог е да се обезбеди континуитет на бизнис процесите.

Според неа, Комора ќе апелира до компаниите-членки да им одобрат два дена неплатено отсуство на своите вработени за да ги мотивираат да се вакцинираат.

Како што објасни Трајковска, ако работодавачот се одлучи за самотестирање, клучно е трошокот да падне исклучиво на товар на работникот зашто „секој друг трошок на товар на компанијата е непродуктивен и нема да даде ефект во смисла на зголемување на бројот на вакцинирани“.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, при направени 2.869 тестирања, регистрирани се 490 нови случаи со Ковид-19, девет починати и 484 оздравени пациенти.

Бројот на активни ковид случаи во земјава изнесува 8.281 случаи од кои најголем број 3831 се во Скопје. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 212.865, бројот на оздравени пациенти е 197.120, а на починати е 7.464. Досега во земјата се направени вкупно 1.453.084 тестирања на Ковид-19.