Македонија
4. May 2021 - 16:46

Активистите на Црвен Крст избркани од салата во Охрид

Волонтери избркани од вакциналниот пункт од координаторот во салата „Билјанини Извори“ регираат од охридскиот Црвен Крст. Тие на својата фејсбук страна објавија дека утрово на екипата која била повикана да помогне во процесот на масовната имунизација не и бил дозволен пристап во салата.

- За жал и овој пат личните комплекси и фрустрации на една личност победуваат пред потребите за асистенција и помош на лицата кои се вакцинираат и на олеснување на административната работата на оние кои се вклучени да го спроведуваат вакциналниот процес, што е активност на волонтерите на Црвениот крст во сите земји во светот каде се спроведува масовна вакцинација против Ковид-19. – се вели во реакцијата на Општинската организација на Црвен крст Охрид.

Денесоски, вели дека Црвениот крст и покрај јавниот повик, воопшто не бил вклучен во подготовките кои се одвивале подолг период, како и во спроведената обука за реализација на вакцинацијата додавајќи дека  волонтерите не биле избркани, туку им било објаснето зошто не може да волонтираат. Тој посочи дека е назначен за координатор од општината, од друга страна пак градоначалникот Георгиески вели дека општината има свој координатор, а Денесоски помагнал во опремувањето на вакциналните пунктови.

Директорот на општата болница Балески најави дека како ќе тече процесот и ќе има потреба за дополнителен кадар ќе бидат повикани и вклучени и екипите на Црвениот крст.

Инаку денеска во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид стартува масовната имунизација на населението од шест општини од Југозападниот регион. Процесот се одвива според утврдена динамика, со закажан термин по електронски пат, со точно време и пункт каде трeба лицето да се јави за вакцинација. Преку системот за ванцинација за денеска се пријавени околу 1200 пациенти.