Живот
12. April 2017 - 13:25

Ако овие ознаки ги нема на декларацијата, боите за јајца се отровни - добро гледајте кога купувате!

Само една ознака ја дели прехрамбената боја во кесичка од боите наменети за бојадисување на ѕидови, а кои може да се најдат секаде на пазарот и коишто патем се преполни со тешки метали.

Велигден е сè поблиску, а со него доаѓа и неизбежното бојадисување на Велигденските јајца. Би било добро ако боите ги купувате исклучиво само на места коишто ги контролираат инспектори, бидејќи само поради лесна заработка, продавачите продаваат препакувана техничка боја со тешки метали, опасни по нашето здравје!

Во продавниците, но и на пазарите, секоја година пред Велигден има сè поголема понуда од бои и гелови за бојадисување на јајца. Потрошувачите и најчесто купуваат онаму кадешто кесичките со бои се и најевтини, не обрнувајќи внимание на декларациите. Но токму цената може да укаже дека бојата не е добра, бидејќи техничките бои со коишто се бојадисуваат ѕидовите се поевтини.

Несовесните продавачи, со желба за поголема заработка, често купуваат техничка боја и ја препакуваат во кесички коишто подоцна ги продаваат како боја за јајца. А за купувачот да биде сигурен дека купил прехрамбена, а не техничка боја којашто се употребува за бојадисување на ѕидови, на декларацијата мора да бидат испечатени ознаките од 100 до 180.

Прехрамбените бои се прочистени, но затоа се и поскапи. Техничките и прехрамбените бои имаат ист состав, но се разликуваат во застапеноста на микрокомпонентите во коишто спаѓаат и тешки метали, а тоа се најчесто олово, кадмиум, жива и арсен. Најопасни се анилинските бои.

Ознаките E од позитивната листа укажуваат на тоа дека боите се класифицирани како адитиви за храна. Ознаките E од 100 до 180 значат дека производителот гарантира и ако дел од бојата навлезе во јајцето.

И уште една важна напомена – треба да купувате само на места коишто ги контролира инспекција, а притоа треба да обрнете внимание и на рокот на траење.