Бизнис
14. February 2019 - 21:45

Ако општините не почнат да издаваат градежни дозволи, ќе се зголеми цената на становите

Доколку општините не почнат да даваат дозволи за градба, граѓаните веќе од следната година ќе го почувствуваат покачувањето на цените на становите во Карпош, Центар и Аеродром, предупредуваат консултантите за комерцијални недвижности. Велат дека граѓаните сакаат да инвестираат во недвижности, па поради тоа треба да се забрза градежната активност. Градежниот сектор веќе подолго време се жали дека поради укинувањето на Деталните урбанистички планови не можат да добијат дозвола за градба. Поради ова имаат штети од неколку милиони евра

- Доколку продолжи намалувањето на градежната активност, остане истата побарувачка или се зголеми, ќе се створи дисторзија на среден рок. И тоа ќе се одрази на качување на цените, вели извршниот директор на Фортон, Влатко Богоевски.

Граѓаните сакаат да купуваат поголеми и поквалитетни станови. Консултантите сметаат и дека компаниите во земјава знаат и можат да направат квалитетни станови. Но, граѓаните не се финансиски подготвени да платат за такви станови.

-Број еден одлучувачки фактор за стан е цената, број два е локацијата, број три функционалноста на станот и број четири е квалитетот. Тоа значи дека не е проблем да се произведат многу поквалитетни станови од постоечките. Проблем е дали има пазар, односно купци за таков вид на станови, вели Богоевски.

Во минатата година во Скопје биле издадени дозволи за над 4.000 станови. Лидери по издавање на дозволи се Аеродром и Центар.

Најскапи се становите во Центар и Карпош, а потоа следат Аеродром и Кисела Вода.