Македонија
18. January 2020 - 14:28

Акција за вдомување кучиња во Куманово

Кумановци денеска на градскиот плоштад вдомуваа миленичиња во рамки на акцијата за вдомување која ја организира секторот за инспекциски надзор, ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ и активисти и здруженија за грижа за животните.

Кучињата кои денеска им беа понудени на граѓаните се вакцинирани, стерилизирани,чипирани согласно Законот за благосостојба на животните. Организаторите велат дека има интерес меѓу граѓаните за вдомување.

– Акцијата за вдомување се организира во рамки на тендерот за заловување на кучиња скитници во кои е опфатено и вдомување на кучиња скитници. Кучињата кои денеска се нудат за вдомување се одбрани по мислење на доктор по ветерина од ветеринарно-сточарскиот центар, изјави комуналниот редар од општина Куманово, Гордан Таневски.

Активистката Марина Петковска повика граѓаните да вдомуваат кучиња и да подарат живот.

– Акцијата ја наменивме за овие мали бебиња кои се заловени. Се надеваме дека и оваа акција ќе помине успешно како и претходните две во изминатите години, изјави Петковска.

Таа ги повика сопствениците на миленичињата да не ги оставаат на улици и укажа дека е потребно да се стерилизираат, кастрираат и вакцинираат домашните миленици, со што ќе се намали бројот на улични кучиња.

Петковска немаше информации до каде е процесот за отварање стационар во Куманово.

Слободан Јовановски од Ранковце денеска вдоми кутре. Тој веќе се грижи за мачки и кучиња. Едното,вели, му било отруено,па затоа се одлучил да вдоми уште еден миленик.

Од јуни досега, откако е почнат годишниот тендер во Куманово заловени се околу 250 кучиња. Таневски апелираше до надлежните институции да помогнат во справувањето со проблемот со кучиња скитници. Тој појаснува дека се уште има несовесни граѓани кои ги пуштаат миленичињата на улица, а поголем проблем е што се пуштаат и кучиња од други општини.

– Имаме дојави од граѓани дека се внесуваат кучиња скитници од други општини што е финансиски проблем за општината. Сите општини имаат законска обврска да заловуваат кучиња. Имаме пријави и до МВР против непознати сторители, вели Таневски, додавајќи дека има пријави и од граѓани кои биле нападнати од кучиња скитници.

Од секторот за инспекциски надзор немаат повратна информација за угинатите кучиња кои лани беа пронајдени во вреќи расфрлани кај поранешната касарна во населбата „Карпош“.