Македонија
24. August 2017 - 17:13

Акција за уредување на локалитетот Равна Река во општина Пехчево

Вработените во општина Пехчево спроведуваат акција за уредување на Спиковскиот и Црнодолскиот водопад во туристичката населба Равна река.

Живко Каликов од општина Пехчево истакна дека во акцијата се вклучени 20-ина вработени и со неа се опфатени чистење на отпадот и замена на дотарената урбана опрема.

- Пехчево и туристичката населба Равна река е привлечна викенд дестинација за бројни посетители и излетници кои одлучуваат слободните викенди и празници да ги поминат на овој локалитет во чија непосредна близина се атрактивните водопади на изворите на Брегалница. За жал, огромната фреквенција на несовесни луѓе зад себе остава огромни количини на отпад, кој не се одлага во соодветно поставените контејнери и корпи, туку останува расфрлан насекаде да лежи по зелените површини и водата. Бевме принудени со цел да го сочуваме приордниот потенцијал да спроведеме акција за чистење на локалитетот, рече Каликов.

Тој посочи дека се отстрануваат дотраените мостови и патеки, а намерата е нивна замена со нови.

- Веќе од наредната недела ќе започнеме со работа за поставување дрвени мостови и друга инфраструктура и опрема, каде ќе понудиме простор и за одмор и рекреација на надморска височина од над 1.600 метри, истакна Каликов.

Уредувањето на водопадите и локалитетот Равна Река со урбана опрема општината преку проекти го извршуваше континуирано пред повеќе години, а ова е првпат општинската админситрација да се вклучува во уредувањето на локалитетот Равна Река.