Македонија
12. December 2017 - 9:51

Акција „Стоп на хепатитот за новите генерации“ на Здружението „Хепар центар“- Битола

Здружението „Хепар центар“-Битола ја почна акцијата „Стоп на хепатитот за новите генерации“, активност договорена на меѓународната конференција „Преземање на акција-Патоказ за постигнување универзална здравствена покриеност за сите пациенти до 2030 година", се одржа во Европскиот парламент во Брисел.

Претседателот на Здружението, Милан Мишковиќ истакна дека кампањата која е посветена на универзална здравствена покриеност на сите пациенти до 2030 година, ја предводи Европскиот пациентски форум во партнерство со Европскиот парламент и Европската комисија, а во Македонија таа активност ја презеде „Хепар Центар“-Битола.

-На конференцијата во Брисел присуствуваа голем број на ЕУ-парламентарци, како и комесарот за здравство и безбедност на храната Витенис Андриукаитис со кого заедно ја испративме пораката - Стоп на хепатитот за новите генерации и универзален пристап до содветната здравствена заштита за сите пациенти во Европа. На конференцијата беше заклучено државите аспиранти за членство во ЕУ посебно внимание да посветат на Поглавјето 28 кое се однесува на заштита на потрошувачите и нивното здравје, бидејќи хепатитот претставува јавно здравствен проблем, изјави Мишковиќ по враќањето во Битола од Брисел.

Тој посочи дека програмските активности на „Хепар Центар“-Битола, овозможуваат интезивирање на процесот за елиминација на хепатитот и во таа смисла почната е процедурата за изработка на национална стратегија, како и набавка на современи иновативни лекови за Клиниката за инфективни болести во Скопје.