Македонија
25. November 2016 - 15:30

Акција на „Надеж“ за помош на жртвите на семејно насилство

По повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, 25 ноември, членки на кризниот центар „Надеж“ денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје организираа герила – акција на која околу два часа држеа транспаренти со испишани статистики и пораки за семејното насилство.

Кризниот центар „Надеж“ е организација која функционира 16 години и има отворено СОС – линија и нуди правни совети, психолошка помош и сместување во првите денови откако жените – жртви го напуштиле домот каде биле малтретирани.

Предвидено е следната година да бидат организирани 12 работилници во Скопје, Куманово, Струмица, Кичево и Струга на кои претставници од различни невладини организации и активисти ќе можат да се информираат и да стекнат соодветни вештини врзани со третманот на жртвите како и информации за самиот проблем – појаснуваат од „Надеж“. Посебен дел од работилниците ќе биде наменет за жртвите на семејно насилство на кои им треба психо-социјална рехабилитација, охрабрување и едукација.

Серијата на работилници кои ќе ги реализира кризниот центар „Надеж“ почнува во февруари во Скопје.