Македонија
11. May 2018 - 11:43

Акција на МВР за спречување диви трки во Скопје

Сообраќајната полиција за помалку од три часа синоќа при спроведување мерки и активности за спречување на организирање и учество на диви трки регистрирала 21 прекршок и издала 21 платен налог и налози на прекршителите. 

Како што соопшти МВР, контролите ги спровела на улиците „Џон Кенеди“, „Лазо Трповски“ и „Втора Македонска бригада“ во текот на изминатата ноќ, во периодот од 22.30 часот до 01 часот по полноќ.

Двајца од учесниците немале лични документи и документи за мотоциклите и затоа биле приведени во Полициската станица Бит Пазар за понатамошна постапка.

Како што МВР веќе информираше во текот на претходните две акции беа регистрирани 38 прекршоци.

Секторот за внатрешни работи Скопје и во наредните денови ќе продолжи со спроведување редовни контроли за спречување на организирање и учество на диви трки на мотоциклисти во Скопје.