Акција на „Еколект“ во Карпош за собирање електронски и електричен отпад | Сител Телевизија
Македонија
5. December 2016 - 12:25

Акција на „Еколект“ во Карпош за собирање електронски и електричен отпад

Почна еколошката акција на „Елколект“ за ослободување од опасниот електронски и електричен отпад на територијата на општина Карпош во која секој граѓанин што ќе партиципира до 24 декември по автоматизам учествува во новата наградна игра „Да рециклираме и да се наградуваме“.

Со оставање на старите и нефункционални електрични и електронски апарати во еко-магацините на „Елколект“ граѓаните можат да освојат лаптоп, телевизор или правосмукалка. Препознатливите црвени еко-магацини на „Елколект“ во општина Карпош се наоѓаат на две локации, кај ООУ „Петар Поп Арсов“ и ООУ „Војдан Чернодрински“.

„Елколект“ ја организира оваа акција во соработка со пет општини на територија на Република Македонија, со цел подигнување на јавната свест за потребата од собирање на опасниот отпад. Електричниот и електронскиот отпад во себе има опасни материјали штетни по здравјето на човекот и непосредното животно опкружување. Фрлањето на овој тип отпад  во контејнери на исто место со комуналниот отпад е забрането и казниво.

Граѓаните кои ќе го донесат својот електричен и електронски отпад до еко-магацините во својата општина добиваат купон за учество во наградната игра. Извлекувањето на наградите ќе биде на 24 декември, а потенцијален добитник на една од овие три награди е секој полнолетен граѓанин кој за времетраење на наградната игра, ќе достави електричен или електронски отпад, на локацијата каде е поставен еко-магацинот на „Елколект“.

Купонот во кој ќе се впише името и презимето на учесникот, како и редниот број, е составен од два истоветни дела. Едниот дел на купонот го задржува учесникот како доказ за учество во наградата игра, а другиот дел од купонот се става во запечатена кутија од која ќе се врши извлекувањето на последниот ден од наградната игра.

За секој поединечен оставен апарат учесникот во наградната игра добива по еден купон. Со донесување на поголем број апарати се добива и соодветен број купони, при што се зголемува шансата за награда. Одредени видови опрема и апарати носат и по два купона: големи домашни апарати; опрема за информатичка технологија и телекомуникација; опрема за широка потрошувачка и забавна електроника, електричен и електронски алат.

Резултатите од извлекувањата ќе бидат објавени на веб-страницата на „Елколект“ www.ekolekt.mk и на веб-страницата на општина Карпош www.karpos.gov.mk