Македонија
8. јуни 2016 - 16:18

Акција „Еразмус“- Одземени пасоши на 5-мина професори, како мерка за обезбедување присуство

Петмина од осомничените професори во случајот „Еразмус“ добија мерки за обезбедување - одземени се нивните пасоши и наложено им е редовно да се јавуваат во судот. Тројца се уште не се сослушани. Јавната обвинителка од организиран криминал која го води предметот вели дека притвор не бил побаран но дека предметот е исклучително цврст и обезбеден со докази меѓу кои се и оние обезбедени со посебни истражни мерки.

- Мерката притвор не беше побарана ценејќи ги сите осомничени индивидуално, земајќи ја предвид нивната здравствена, материјална, семејна и друга состојба. Во моментот кога полицијата потврди дека сите докази се обезбедени побаравме да се одреди поблага мерка. Тоа не е никаква привилегија, ќе видите во понатамошната постапка дека предметот се однесува на исклучително тешки дела поради специфичноста на жртвите а тоа се студентите.

Обвинителството ја водело постапката во 2015та и 2016та година. Задоволни се од акцијата на полицијата која следувала непосредно откако еден од осомничените професори земал поткуп.

- Шест минути, само 6 минути по сторувањето на кривичното дело интервенирала полицијата, тоа е за поздравување..

Досега се обезбедени докази за земен поткуп во висина од 2.800 евра Но се проверуваат и други пријави од студенти. Меѓу нив има и обвинувања за барање сексуални услуги во замена за преодни оценки. За ова под сомнение се двајца професори.

– Инсистирам на терминот сомнение бидејќи се работи за особено сензитивна сфера која дополнително ќе се истражува.

Обвинителката смета дека не била повредена автономијата на Универзитетот потенцирајќи дека таа не може да значи анархија и заштита од откривање на сторители на криминал.

И Студентскиот правобранител го поздрави расчистувањето со корупцијата.

Со акцијата Еразмус беа опфатени 6-мина редовни професори на Економскиот факултет во Скопје, еден демонстратор и еден сопственик на угостителски објект во рамки на факултетот.