Македонија
11. April 2016 - 16:28

АХВ: Засилени контролите при увоз на овошје и зеленчук

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги засили инспекциските контроли на граничните премини за да спречи увоз на небезбедно овошје и зеленчук.

Како што соопшти, инспекциските контроли се спроведуваат на сите гранични премини за секоја пратка со овошје и зеленчук, независно од земјата на потекло. 

Покрај засилените контроли, зголемен е и бројот на мостри за лабораториско испитување на безбедноста на овошјето и зеленчукот кои се увезуваат во Македонија. Ваквата пракса, во интерес на здравјето на потрошувачите, ќе продолжи и во иднина.

- Зголемениот број пратки кои се увезуваат во земјава нужно бара и повеќе време за вршење на инспекциските контроли и за земање мостри за лабораториско испитување на овошјето и зеленчукот. Секоја пратка, вклучително и овошјето и зеленчукот, по добивањето уреден резултат од лабораториското испитување со кое се потврдува безбедноста, без никаков застој веднаш се пласира на пазарот во Република Македонија. 

АХВ потсетува дека во изминатиот период беше забранет увоз на неколку пратки овошје и зеленчук кај кои со лабораториско испитување беше констатирано зголемено присуство на пестициди над максимално дозволените концентрации. Направена е анализа на ризик врз основа на добиените резултати од лабараториските испитувања на увозни пратки овошје и зеленчук кај кои се констатирани недоследности, врз основа на што се зајакнати контролите при увоз.