Бизнис
20. August 2018 - 19:37

АХВ има список со 30 производители на ГМО ориз

Со детални контроли Агенцијата за храна и ветеринарство ќе открие од каде потекнува генетски модифицираниот ориз што се појави во промет во земјава. Директорот на Агенцијата најави дека во текот на денешниот ден ќе извршеле контроли кај околу 30-тина производители за кои постои оправдано сомневање дека произведуваат ориз со ГМО. Контролите ќе се вршеле во соработка со Управата за семе и семенски материјал при Министерството за земјоделие.

“Институцијата работи, ги следи активностите и до крај ќе расчистиме точно каде е и каква е целата работа. Имаме и сознанија која е сортата ориз, имаме список на одреден број лица каде е можно да има ориз со ГМО. Значи, ќе се провери тоа. Се прави и план за контрола на овогодинешната реколта”, изјави Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Откако во текот на минатата недела беше пронајден ориз со ГМО, надлежните институции реагираа на терен со цел да се пронајде изворот на пратките. Агенцијата за храна и ветеринарство ги направи првичните анализи со што се потврди дека оризот е позитивен на ГМО и запленетите количини, како ш,то информираа од Агенцијата, се уништени. Велат дека ќе ги преземат сите законски мерки за расчистување на случајот.

“Зајакнати се контролите, се спроведува мониторинг контролата, на граница при увоз се зголемени контролите и се подготвува план за идната реколта, плански ќе биде зголемена активноста за контрола”, вели Атанасов.

По првично спроведената истрага за потеклото, од Земјоделскиот институт информираа дека количините ориз со ГМО најверојатно илегално се увезени во Македонија. За ваквото тврдење од Агенцијата за храна и ветеринарство се оградија дека увозот на семе и семенски материјал не е под нивна надлежност. Повеќе детали околу случајот најавија за следните денови.