Македонија
29. October 2021 - 9:27

Ахмети: Заев избрза со изјавата дека ќе си даде оставка

Премиерот Зоран Заев донесе тешки, но многу значајни одлуки за државата и треба да остане премиер, изјави вчеравечер лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

– Заев ја внесе земјата во НАТО. Мислам дека ќе дојдеме до решение и со Бугарија. Заев треба да остане премиер, додаде Ахмети вчера во дебатната емисија „Click Plus“ на ТВ21.

Според него, Заев избрзал со неговата изјава дека ќе се повлече.

-Мислам дека Заев избрза. Ова се локални избори. Заев не се кандидирал за градоначалник. Заев има четиригодишен мандат како премиер. Не знам која е неговата стратегија, но не треба да се разочарува. Тој треба да работи со неговиот тим и да победат во Скопје, порача Ахмети.