Македонија
23. October 2021 - 17:27

Ахмети ги повика Албанците од дијаспората да се вратат да гласаат на 31 октомври

Со фотографија на која е самиот со вкрстени раце, лидерот на ДУИ Али Ахмети ги повика Албанците од дијаспората да дојдат на 31 октомври и да гласаат за нивниот кандидат за градоначалник, Фатмир Дехари. Вели дека еден од нивните најголеми предизвици било враќањето на Кичево во нивни раце и бара да не се дозволило историјата да се врати назад.

„Почитувани кичевчани, драги наши во дијаспората, ве повикувам како ваш син, како ваш брат, како еден од вас, загрижен за судбината на нашиот роден град. Апелирам да покажеме и демонстрираме дека сме обединети на 31 октомври. Преку овие редови ве повикувам уште еднаш да се собереме за нашето Кичево и на 31 октомври сите патишта да не носат дома“, вели Ахмети. 

Инаку во Кичево во првиот круг, Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ освои односно 38,4 отсто од гласовите, а Дехари 37,3 отсто и тие се борат во вториот круг.

Трет на листата беше Фатмир Лимани, независниот кандидат кој инаку е внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Лимани освоил 4.527 гласа или 19,76 отсто од гласовите.

Ова значи дека во вториот круг пресудни за победникот ќе бидат неговите гласачи.

Внукот на Ахмети, Лимани, одлучи на овие избори да поднесе независна кандидатура.  Тој е професор по историја и поранешен заменик директор на ЕСМ. Дехари пак е актуелен градоначалник на Кичево. Лимани изјави тогаш дека причините поради кои ќе се кандидира како независен се поради неуспесите на ДУИ, а особено на актуелниот градоначалник Дехари.