Тенис
3. October 2017 - 16:09

Ах тој Сампрас!

Легендарниот хрватски тенисер Горан Иванишевиќ тешко ги преживувал поразите од Пит Сампрас. Американецот, кој е еден од најдобрите играчи во тениската историја, добил 12 од 18-те меѓусебни дуели. Сампрас славел против Хрватот во едно полуфинале и две финалиња на Вимблдон.

„Сампрас ми го уништи животот. Го сакам Пит, тој е добро момче и голем шампион. Но, од него загубив многу полуфиналиња и финалиња. Не го сакам од спортска перспектива“, рекол Иванишевиќ.

Сепак, најдобриот хрватски тенисер на сите времиња извонредната кариера ја круниса со триумф на Вимблдон во 2001 година.

„Мојот живот немаше да биде ист доколку не го освоев Вимблдон. Некој вели дека најважната работа во спортот е да се учествува, но тоа не е вистина. Се паметат ли оние кои загубиле во финалињата? Сè до тој понеделник бев вечниот втор. Ни самиот не се сеќавам на проклетите финалиња иако играв во нив. Сега, 16 години подоцна, луѓето ми приоѓаат на улица и се сеќаваат на 16. гем од решавачкиот петти сет“, дополнил Иванишевиќ.

Хрватот таа 2001 година на Вимблдон настапи со покана на организаторот бидејќи беше 125. на АТП листата. Во финалето славеше над Патрик Рафтер од Австралија со 6:3, 3:6, 6:3, 2:6, 9:7.