Македонија
28. February 2019 - 16:12

Агенција за национална безбедност на местото на УБК и независна од МВР

Управата за безбедност и контраразузнавање заминува во историјата. На нејзино место ќе се формира Агенцијата за национална безбедност, која според новиот Закон, нема повеќе да биде дел од Министерството за внатрешни работи.

Од МВР велат дека оваа долгоочекувана реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор ќе ја спречи злоупотребата на системот за следење на комуникациите и ќе придонесе за подобрување на граѓанските права.

Со формирањето на ваков тип владино тело, според раководството на МВР, нема да има само една агенција која ќе ги поседува сите информации, како што тоа беше до сега.

Раководните лица во МВР велат дека новоформираната Агенција за национална безбедност ќе фунционира со целосна автономија во истрагите. Ќе овозможи деконцентрација на моќта на разузнавачките служби во земјава, а ќе работи со јасен мандат – контраразузнавање, контратероризам и заштита на уставниот поредок на државава и спречување на повисоки форми на организиран криминал.

Кадровски - Агенцијата ќе ја раководи директор кој ќе биде избран од Владата, на предлог од премиерот. Од МВР велат дека тоа нема да биде никаква причина за неговата независност во работата, бидејќи со новата реформа предвидени се силни механизми за контрола врз следењето на комуникациите и разузнавачките методи.

За доекипирање на Агенцијата ќе се формира Комисија за селекција, која ќе има задача да создаде профил на работните места и профил на вработените кои треба да бидат ангажирани во службата. Вработените нема да имаат полициски овластувања, туку само оперативно ќе собираат информации кои нема да имаат доказна вредност. Истрагите потоа би продолжиле со доставување на разузнавачките информации до правосудната полиција, а за сите истраги ќе биде запознаен јавниот обвинител и Врховниот суд.

Законот за формирање на Агенцијата за национална безбедност е во собраниска процедура и ќе се носи со двотретинско мнозинство. Новоформираното владино тело треба да почне со работа од 1-ви јуни.