Свет
13. November 2017 - 11:12

Африкански и европски министри разговараат за начини за заштита на мигранти

Заштитата на мигрантите на пат од Северна Африка до Италија е во фокусот на состанокот на министри од држави на југ и север на Медитеранот во швајцарскиот град Берн што ќе се одржи денеска.

Контакт-групата од Централен медитеран претходно се фокусираше главно на задржување на мигрантите, кога се собраа за првите два состанока во Рим во март и во Тунис во јули.

Во Либија, главната точка за заминување од Северна Африка, околу 17.000 имигранти се чуваат во нехумани услови во кампови, според проценките на Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), додека илјадници се во затвори.

Тие се соочуваат со изнуда, ропство и глад во раце на криминални групи, наведуваат организации што пружаат помош на мигранти.

- УНХЦР е со план за проширување на програми помогнати од ЕУ за мигранти од Либија до соседот Нигер, изјави за ДПА висок претставник организацијата на ОН пред почетокот на состанокот во Берн.

Швајцарија покани претставници од ОН, Црвен крст и ЕУ заедно со министри од Алжир, Австрија, Чад, Египет, Франција, Германија, Италија, Либија, Мали, Нигер, Малта, Словенија и Тунис.  Тие ќе разговараат за подобрување на условите во либиските центри за мигранти и изградба на систем за азил во други африкански држави. Од јануари досега, 114 илјади главно африкански мигранти пристигнале во Италија.