Бизнис
12. January 2022 - 12:23

Африканската свинска чума закана за бизнисот вреден над 180 милиони евра

По утврдувањетo на присуството на вирусот Африканска свинска чума на одгледувалиште во с. Драмче и по угинувањето на 14 свињи, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе одлука за еутанзија на сите свински грла во радиус од 3 километри од жариштето. Во заштитената зона влегуваат населените мста Драмче, Очипала, Киселица и Ветран.

- Треба да се уништат сите животни кои се тука затекнати, за што сопствениците ќе добијат одредена финансиска надохнада, што значи нема да биде на нивна штета, да нема финансиски негативен ефект врз држателите на овие животни, изјави Никола Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во акцијата за еутаназија се вклучува и полицијата, јавното комунално претпријатие и општината, за која цел беа одржани неколку координативни состаноци. 

- Иако ова жариште е на територијата на нашата општина, да допринесеме сите да не се прошири на целата територија на државата со што би имале многу поголеми финансиски импликации, изјави Горан Трајков, градоначалник на Делчево.

Во надзорната зона, која се протега во радиус од 10 км од жариштето, ќе се изврши ветеринарен преглед и лабораториско испитување на сите свински грла, а потоа ќе бидат упатени во кланица, за што ќе биде исплатена нивната пазарна вредност.

- Досега се боревме и ја заштитивме државата од влијанијата од соседните држави каде што веќе беше констатирана оваа болест, додаде Бабовски.

Африканската чума е многу контагиозна и има летален исход кај свињите. Вирусот не е опасен за луѓето.