Свет
28. October 2017 - 14:53

АфД бара лични податоци од новинарите кои ќе го следат нејзиниот конгрес

Ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) бара пристап до податоци за етничко потекло и политичка определеност на новинарите, кои ќе се акредитираат да го следат нејзиниот конгрес во декември, пишува весникот „Штутгартер цајтунг“.

Новинарите кои се акредитираат треба задолжително да пополнат и квадратче во регистрациска форма, давајќи на тој начин согласност да се собираат и употребуваат личните податоци кои тие ќе ги внесат, како и посебни податоци.

Според германскиот закон за заштита на личните податоци, под посебни податоци се подразбира етничко и расно потекло, политичка определба, религиозни и филозофски убедувања, синдикално членство, здравствена состојба или сексуална ориентација.

И други партии во Германија, исто така, бараат информации при регистрација на новинарите, но не се потребни толку лични податоци.

Досега АфП, која најави дека ќе се бори против „исламизација на Европа“ и „лажни вести“ на традиционалните медиуми, нема дадено коментар на ваквата информација.

Алтернатива за Германија освои 13 отсто од гласовите на парламентарните избори кои се одржаа на 24 септември и стана трета партија во Бундестагот по пратенички мандати, но и прва ултрадесничарска сила во него по повеќе од 50 години.

Германски организации за заштита на човековите права се организираат за одржување голем собир против партијата за време на нејзиниот конгрес во Хановер на 2 декември.