Македонија
3. August 2016 - 16:18

Аџиите ќе одат на аџилак само со авион

Годинава за прв пат македонските аџии во Саудиска Арабија ќе патуваат само со авион. Од втори до четврти септември на аџилак треба да заминат околу 1000 лица кои ќе ги придружуваат 25 лекари и исто толку медицински сестри кои ќе бидат одговорни за нивната здравствена состојба.  Треба да бидат внимателни од евентуално заболување со вирусот  МЕРС,  а не треба да се плашат од  Зика бидејќи во Саудиска Арабија ги нема комарците кои го пренесуваат ова заболување. Но затоа сите аџии десет дена пред патувањето ќе мора да примат вакцина против менингококна инфекција која е опасна и смртоносна.

-Од Турција треба да добиеме 2000 доза на оваа четворотипна вакцина која ќе ја примат сите аџии. Тој појас таму е ендемски и има менингококна инфекција. Тоа е опасно заболување кое може да заврши со смрт и затоа ние ги штитиме аџиите, вели Жарко Караџовски епидемиолог во ИЈЗ

Епидемиолозите велат дека аџиите пред заминување нема потреба да земаат заштита против маларија, бидејќи  во Саудиска Арабија ова заболување е во искоренување. Имаат забрана за внесување на течности и храна како од Македонија  за Мека така и при враќањето назад.

-Кога ќе се вратат ќе бидат под петдневен надзор, и тоа е редовна постапка која ја правиме, вели Караџовски

Овие превентивни мерки биле утврдени на денешниот состанок меѓу претставници на Исламската верска заедница, епидемиолози од ИЈЗ и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Досега во центрите за јавно здравје не е регистриран ниту еден случај на заболен аџија со некоја од болестите карактеристични за Блискиот Исток.