Македонија
31. October 2019 - 16:49

„Аџибадем Систина“ доби реакредитација дека работи по светски стандарди

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во 2016 година беше прва во државава што ја доби престижната акредитација Joint Commission International (JCI). Годинава болницата доби и реакредитација, уште еднаш потврдувајќи дека работи според светски стандарди, информираа по средбата со новинарите од таа здравствена установа

– Бенефициите кои ќе ги добијат пациетите во болницата се безбедна и квалитетна здравствена заштита, која се базира на процедури на евидентирани докази, унифицирана клиничка пракса, култура на безбедност која се однесува не само на персоналот, туку и на пациентите и на нивните најблиски и раководство кое постојано е подготвено да ги следи критериумите на безбедна и квалитетна здравствена заштита, истакна менаџерот за квалитет во болницата, Милена Буџаровска

Посочи дека во процесот на реакредитацијата тројцата ревизори од JCI, доктор, сестра и тим лидерот кој по професија е административец, успеале во болницата низ секој елемент да навлезат и да ги проверат строгите критериуми, да направат нивна евалуација на ефективност, вклучувајќи ја и комуникацијата со персоналот, со вработените, хигиеничарите, со пациентите и уште еднаш потврдиле дека болницата ги исполнила сите критериуми на JCI и се здоби уште еднаш со златниот печат.

Медицинскиот директор на болницата проф.д-р Љупчо Лековски рече дека Комисија од JCI била во ревизија на болницата во периодот од 14 октомври од 18 октомври, која успешно завршила и докажале дека работат според строгите стандарди и принципи на JCI со што се гарантира безбедноста на нивните пациенти и сигурноста во спроведување на медицина и постапки базирани на медицински докази.