Свет
14. February 2018 - 8:46

Адвокатот на Трамп тврди дека тој од свои пари платил порно ѕвезда

Долгогодишниот личен адвокат на претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека во 2016 година тој платил 130.000 долари од своите лични средства на порно ѕвездата, за која се тврди дека имала сексуална врска со милијардерот во 2006 година.

Адвокатот Мајкл Коен не соопшти зошто и платил толкава сума на порно-звездата.

Тој за „Њујорк Тајмс“ изјави дека парите не биле ниту од Организацијата „Трамп“, ниту од предизборната кампања на Трамп, туку тој и платил на Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд.

Коен тврди дека плаќањето на порно ѕвездата било целосно легално и немало ништо заедничко со предизборната кампања. Иста изјава тој даде и пред Федералната истражна комисија, која се интересираше од каде биле парите.

Минатиот месец, весникот „Волстрит Џурнал“ ја отвори аферата, откако објави дека Коен средил плаќање на сумата во октомври 2016 година за да ја натера Сторми Даниелс да не соопшти во јавноста, во екот на предизборната кампања, дека имале сексуална средба со Трамп. Наводната средба се случила во јули 2006 година, кога Трамп веќе беше оженет за Меланија.