Македонија
6. January 2020 - 16:35

Адвокатите во „ТНТ“: Судијата - поротник со истечен мандат ако се појави на судење прави кривично дело

Не се појавувајте во судница на 13 јануари доколку не сакате да добиете кривина пријава за која следи затворска казна. Адвокатот на обвинетиот Тони Трајковски со писмо бара од поротничката во случајот ТНТ, Лилјана Ивановска Кочковска да не се поајвува на судските рочишта бидејќи согласно законот и истекол мандатот.

„Во оваа прилика сакам да ви укажам на неколку законски одредби и факти и да ве повикам да не потпаѓате под било какви притисоци, закани, уцени, ветувања и гаранции зашто верувајте ми, ќе Ве искористат, ќе избегаат од Вас и ќе ве остават сама за да се справите со последиците од Вашето незаконско дејствување“ – стои во писмото на адвокатот Јовица Страшевски испратено до поротничката на која мандатот согласно законот и престанал на 24 декември лани.

Но истечениот мандат не бил проблем за судијата Огнен Ставрев да закаже 11 рочишта во наредните 14 дена почнувајќи од 13 јануари. Согласно оваа динамика, целта на Судот е да донесе пресуда пред 27 јануари, за кога според извори на судот Судскиот совет ќе закаже седница на која ќе го констатира престанокот на мандатот на споменатата поротничка, спротивно на барањата на одбраната таа седница да се одржи на 10 јануари.

Според Стршевски, во законот нема одредба која вели дека престанокот на мандатот треба да биде констатиран од судскиот совет, поради што најави и серија кривични пријави.

Согласно законот, доколку се смени еден од поротниците, целото судење ќе мора да почне од почеток.

Дека судот има сериозни проблеми со овој предмет тврди и уште еден адвокат од одбраната кој обвинува дека спротивно на уставот и законот за јазици не му се дозволува одбраната на својот клиент да ја води на албански јазик.  Адвокатот Мерџан Даути обвинува дека судијата Ставрев свесно не ги става неговите забелешки во записникот и не му ги дава записниците од рочиштата што според него е суштинска повреда на правото на одбрана.
„Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на постапката. Во случај на неусогласеност на одредбите од овој закон со јазичните одредби од друг закон, органите се должни да го применуваат членот 9 од законот за јазици“ вели Даути.

Во случајот ТНТ за рушењето на Космос меѓу другите обвинети се екс министерот Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, кој непосредно пред последното рочиште беше претепан.
Дел од обвинетите тврдат дека судот свесно ја турка процесот кон пресуда иако знае дека се прекршува постапката и истата врховниот суд ќе бара да биде повторена. Според нив, целта е евентуалната пресуда да се користи во предизборни цели.