Свет
28. January 2021 - 8:22

Адвокатите на Навални денеска го обжалуваат 30-дневниот притвор

Судот во Химки, предградие на Москва, денеска треба да донесе одлука по жалбата за 30-дневниот предистражен затвор на рускиот дисидент и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, јави ДПА.

Навални се врати во Русија на почетокот на овој месец, откако се лекуваше во Германија по обидот за атентат со нервниот агенс „Новичок“. Тој по пристигнувањето беше веднаш приведен и осуден на претходна постапка, потсети германската агенција.

Адвокатите на Навални се надеваат дека судот ќе го ослободи 44-годишниот опозионер. Руските обвинители го товарат за прекршење на претходно изречената условна казна со неговот патување и подолго задржување во Германија.

Луѓе од опкружувањето на Навални повикаа на продолжување на протестите што почнаа минатата недела, без разлика на тоа каква одлука денеска ќе донесе судот, додава ДПА.

Дали претходната условна казна ќе се претвори во затворска казна, како што повикуваат обвинителите, ќе се одлучи на судењето закажано на 2 февруари.

Изминатиот викенд на улиците на Москва и другите градови низ Русија излегоа илјадници демонстранти со повикот за ослободување на Навални, а над 3.700 лица беа приведени од безбедносните сили.