Македонија
7. December 2017 - 16:39

Адвокатите бараат укинување на мерката притвор за Дамовски и Јовановски

Пратениците Крсто Муковски и Љубен Арнаудов остануваат во истражниот затвор во Шутка, додека Жаклина Пешевска и Јохан Тарчуловски во куќен притвор. Кривичниот совет во целост ги потврди одлуките на судија на претходна постапка. Од судот велат дека за мерката притвор на Сашо Василевски ќе се одлучува дополнително, додека за куќниот притвор на пратеникот Љупчо Димовски не била поднесена жалба.

Поради револт од определената мерка, пратеникот Крсто Муковски веќе два дена во истражниот затвор во Шутка одбива храна. Во телефонски разговор неговиот адвокат вели дека и покрај тоа Муковски е во добра здравствена состојба.

Во меѓувреме адвокатите на Борис Дамовски и Владо Јовановски побараа Апелација да ја замени мерката притвор со куќен притвор. На јавна седница попладнево одбраната и обвинителството ги соочија аргументите. Според адвокатите притворот е престрога казна, а присуството за време на истражната постапка може да биде обезбедено и со поблаги мерки. Двајцата осомничени се јавни личности кои биле достапни во текот на претресот и тие ниту ќе влијаат врз сведоци, ниту пак ќе имаат можност да го повторат делото. 

Според обвинителството пак, Дамовски и Јовановски се едни од главните осомничени за настаните во Собранието од 27 април и поради тежината на кривичното дело и висината на казната која е предвидена , тие треба да останат во притвор до завршување на истрагата.  

По денешната јавна седница Апелација има рок од 24 часа да одлучи дали ќе ги прифати жалбите поднесени од одбраната.

Кривичен досега одреди 25 мерки притвор и 3 куќен притвор за осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата. 5 лица се уште не се достапни за истрагата.