Македонија
16. October 2020 - 16:48

Адвокатите бараат протоколи за судските рочишта

По „Таргет – Тврдина“, коронавирусот го сопре и судењето за наводните организатори на „27 април“. Обвинетите Трајко Вељановски и Спиро Ристовски се во самоизолација откако членови на нивните семејства се заразиле со вирусот. Позитивен на корона бил и бранителот на Ристовски.

Дел од адвокатите бараат Министерството за здравство да усвои посебен протокол за рочиштата бидејќи судницата ја сметаат за потенцијален кластер. Во судница се задржувале со часови и по 50-тина луѓе без можност за одржување растојание.

 „Дали тоа е нешто што оди во прилог на ширење на оваа зараза? Јас лично немам слушнато до сега да постои протокол за начин на одвивање на рочиште во судница. Ако имаме протоколи за многу други и помалку значајни состојби за ова не сум информиран и не сум слушнал официјално “, изјави Еленко Миланов, Адвокат.

Од Кривичен велат дека се почитувале постојните протоколи за работа во затворени простории препорачани од Министерството за здравство. На влез во зградата се мерела температура и редовно се дезинфицирале судниците.