Македонија
14. December 2019 - 17:37

Администрацијата од Дебар масовно се вклучи во денешната еко-акција

Вработените во администрацијата од Дебар, предводени од градоначалникот Хекуран Дука, масовно се вклучија во денешната еко-акција „Адмнистрацијата чисти заедно со Не биди ѓубре“.

Тие ја расчистуваа пошироката околина покрај Дебарското езеро, едно од најубавите места во општината, како и покрај големата спортската сала, а дворот и околината околу објектот каде што просторно се сместени го чистеа вработените во службите на МВР.

– Во акцијата се вклучија сите институции, што е потврда дека сите сме за чиста животна околина, но за жал се уште постојат несовесни граѓани кои насекаде фрлаат отпад, создавајќи диви депонии. Нашата општина е пребогата со природни убавини и богатства кои треба да ги сочуваме. Апелирам до сите граѓани, намерни или случајни патници, кои престојуваат во нашата општина, да бидат внимателни и да не ја загадуваат и уништуваат оваа убавина, порача меѓудругото Дука.

Од јавното комунално претпријатие „Стандард“ кое беше вклучено во акцијата потврдуваат дека собрана е голема колична отпад кој е депониран во градската депонија.

Локалната власт неодамна спроведе акција за чистење на дивите депонии во градот и населените места.