Македонија
28. November 2019 - 16:39

Администрацијата и техничкиот персонал во здравството на протест за поголема плата

Вратете ни го достоинството - Администрацијата и помошниот технички персонал од здравствените установи денеска на протест. Револтирани се што тие нема да добијат ниту денар зголемување на платите за разлика од медицинарите чиј личен доход од февруари ќе биде од 5 до 25 проценти поголем. Пред Министерството за здравство имаше возачи од брза Помош, сметководители, правници, готвачи, болничари кои велат дека се подеднакво важни во давањето на здравствнеи услуги, но месечно работат за 12 000 денари.

-Направена е голема дискриминација, неправда и бараме тоа да се поправи. Ние сите сме еден сегмент и функционираме заедно. Исто така бараме да бидеме изземени од јавната администрација бидејќи не избвршуваме исти обврски, вели Александар Трајчевски

Снежана Павковска која е главен готвач на ортопедија и има 35 години работен стаж, вели дека  основната плата и е 13.000 денари.

-Филипче вика да не бегаат младите лекари исестри од државата, еве јас да го прашам, дали знае каде се моите деца. И двете ми се заминати во странство. Немам ништо против лекари и сестри, но ова е неправда, вели Снежана Павковска, готвач на Ортопедија.

На денешниот протест администрацијата и техничкиот персонал најавија дека ќе одат и на суд доколку не дојдат до решение со надлежните.

Ќе одиме до правосудните органи, законите се на наша страна. Со овие зголемувања средномедицински кадар ќе има поголеми плати од дипломирани правници и магистри,  вели Лела Јеремиќ, правник.

За време на паузата мирен протест пред здравствените установи имаше речиси во сите градови низ државата.

Од Министерството за здравство најавија дека за состојбата со администрацијата и техничкиот персонал водат разговори со двата здравствени исндикати.